Полска прогласува висок степен на тревога поради саботажа на железницата

Полска сè почесто станува цел на напади. По саботажата на стратешки важната железничка рута, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски ја обвини Русија за „државен тероризам“, пренесува Deutsche Welle.

Обвинувања за државен тероризам

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски не ја прикри сериозноста на ситуацијата по најновата саботажа на железничката мрежа. „Ова не беше чин на саботажа како претходно, туку државен тероризам, бидејќи неговата јасна цел беше да предизвика човечки жртви“, изјави Сикорски во парламентот во Варшава.

Тој додаде дека „странска држава испратила добро подготвени саботери кои само по чиста среќа не го постигнале својот план“ и ја посочи руската воена разузнавачка служба ГРУ како организатор на „валканата работа“. Сикорски најави и дека наскоро ќе биде затворен рускиот конзулат во Гдањск – последната преостаната руска конзуларна испостава во Полска.

Туск: Најтежок инцидент од почетокот на војната во Украина

Полскиот премиер Доналд Туск претходно го нарече нападот „веројатно најтешкиот удар врз безбедноста на државата од избувнувањето на војната во Украина“, нагласувајќи дека е „премината важна граница“.

Од полноќ, на сите железнички линии во Полска важи вториот највисок степен на тревога – Чарли. Мерките предвидуваат 24-часовно обезбедување на клучни железнички објекти, како и вооружување на стражарите со боево муниција. Засилените мерки ќе останат во сила до крајот на февруари.

Полските безбедносни служби за 70 часа ги идентификувале осомничените за двете саботажи. Во неделата наутро, машиновозач на линијата Варшава–Лублин кај местото Мика го запрел возот поради сериозно оштетување на шините. Наскоро било пронајдено уште едно оштетување кај Пулави на истата стратешка рута кон украинската граница.

Двајца Украинци работеле за Русија

Осомничени се двајца украински државјани кои подолг период соработувале со руското разузнавање. Едниот веќе бил осуден во Лавов поради саботажа, а другиот потекнува од Донбас. Во Полска влегле во есента од Белорусија, а по нападите се вратиле во Белорусија преку преминот Тереспол, изјави Туск.

Според весникот Rzeczpospolita, истражителите пронашле отпечатоци од прсти и СИМ-картичка на еден од напаѓачите. Со мобилен телефон наводно требало да биде снимена експлозијата. Во истрагата помогнале и разузнавачки служби на сојузнички земји.

Истрагата покажала дека кај местото Мика биле поставени три експлозивни направи, од кои две експлодирале. Експлозивната моќ била преслаба да го уништи товарниот воз за кој биле наменети. Кај Пулави, пак, била поставена челична стега со цел да се предизвика излетување на возот, но без успех. Оштетена била и контактната мрежа, но никој не бил повреден.

Полска како цел

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Полска е мета на повеќе саботажи. Земјата е силен поддржувач на Украина, обезбедувајќи оружје и хуманитарна помош, а над еден милион украински бегалци нашле засолниште таму.

Туск потсети дека во јануари 2024 година била запалена фабрика за бои во Вроцлав, а во Варшава бил подметнат пожар во трговски центар. Вкупно 55 лица биле уапсени под сомнение за подметнување пожари, од кои 23 се во притвор. Осум лица биле уапсени и за шпионажа на стратешки објекти.

На социјалните мрежи по објавата за саботажите избила кампања на омраза против Украина. „Ова е перфидна игра на руските разузнавачки служби“, изјави потпретседателот на парламентот Пјотр Згожелски. И Туск предупреди на руски дезинформации, чија цел е да создадат дезинтеграција, хаос и паника, како и поттикнување антиукраинско расположение во Полска.

Дипломатски последици

Сикорски најави дека Полска ќе бара од Белорусија екстрадиција на осомничените, иако шансите се мали. Тој исто така рече дека нема план за прекин на дипломатските односи со Русија, но дека руските дипломати ќе мора да бараат дозвола за движење надвор од областа на Варшава. Полска ќе ги советува своите сојузници да го ограничат движењето на руските дипломати во Шенген-зоната.

Кремљ ги отфрли обвинувањата. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека „Русија се обвинува за сите форми на хибридна и директна војна“ и додаде дека „русофобијата во Полска цвета“.

Зачлени се на нашиот е-билтен