Полска започнува изградба на нуклеарна електрана со зелено светло од Брисел

Полска ја започнува изградбата на својата прва нуклеарна електрана во близина на Балтичкото Море, потег што треба да придонесе за постепено напуштање на производството на електрична енергија од јаглен. Како што пренесува Deutsche Welle, Европската комисија дала зелено светло за државно кофинансирање на проектот.

Премиерот Доналд Туск ја соопшти одлуката од Брисел какo „предвремен Божиќен подарок“, истакнувајќи дека изградбата може да започне со полна брзина уште во декември. Проектот, вреден над 40 милијарди евра, ќе биде делумно финансиран од полскиот буџет, речиси една третина од средствата ќе ги покрие државата. Иако Европската унија не учествува финансиски, за користење јавни пари беше неопходна одобрение од Комисијата. Новата електрана ќе се гради северозападно од Гдањск, на брегот на Балтичкото Море, околу 250 километри од границата со Германија.

Во полското општество, инаку длабоко поделено по многу прашања, постои силен консензус за развој на нуклеарната енергија. Според анкета спроведена минатата година, над 90 проценти од граѓаните ја поддржуваат изградбата на нуклеарни електрани. Новинарот за енергетски прашања Јакуб Вјех од порталот Energetyka24 истакнува дека во земјата не постои ниту една релевантна политичка партија што се противи на нуклеарната енергија.

Експертите сметаат дека Полска ја гледа нуклеарната технологија како клучен инструмент во борбата против климатските промени. Енергетскиот аналитичар Војчех Јакобик вели дека нуклеарната енергија ќе овозможи и поголема безбедност на енергетските снабдувања и значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид, заменувајќи го јагленот кој сѐ уште доминира во полскиот енергетски микс.

Зачлени се на нашиот е-билтен