Трговските војни повторно ги ставаат на тест отпорноста на глобалната економија која успешно се справи со предизвиците од енергетската криза и инфлацијата по почетокот на војната во Украина, изјави генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Во говорот пред пролетниот состанок на ММФ и Светска банка, кој почнува на 21 април, Георгиева нагласи дека поради потенцијалната глобална трговска војна, финансиските пазари бележат пораст на нестабилноста.
Таа истакна дека како што растат трговските тензиции, така опаѓаат глобалните цени на акциите.
„Ова е потсетник дека живееме во свет на изненадни и длабоки промени. И тоа е повик за мудро дејствување. Подизградена и поотпорна глобална економија е достиглива. Мораме да дејствуваме за да ја осигураме“, порача директорката на ММФ.
Георгиева во својот говор одговори на три прашања во врска со потенцијалната глобална трговска војна: каков е контекстот, кои се последиците и што можат да направат земјите?
Каков е контекстот на трговската војна?
„Трговските тензиции се како котел кој долго време крчкаше и сега е на врелина. Голем дел од тоа што го гледаме сега е резултат на ерозија на довербата – доверба во меѓународниот систем и доверба помеѓу земјите“, порача Георгиева.
Таа истакна дека глобалната економска интеграција извела многу луѓе од сиромаштија и го направила светот подобро место за живеење.
„Но, не сите имаа корист. Заедниците останаа празни, бидејќи работните места се преселиле во странство. Платите беа под притисок поради зголемената достапност на евтина работна сила. Цените растеа кога беа прекинати глобалните синџири на снабдување. Многумина го обвинуваат меѓународниот економски систем за неправдите кои ги чувствуваат во секојдневниот живот“, објасни директорката на ММФ.
Следен на сцена излегува националната безбедност, додаде таа.
„Во мултиполарниот свет, прашањето каде нешто се произведува може да стане поважно од тоа колку тоа чини“, истакна Георгиева.
Кои се последиците од трговската војна?
„Краткиот одговор: значајни“, порача директорката на ММФ.
Според неа, започнувајќи од царините, кога ќе се сумираат сите последни зголемени царини, паузи, ескалации и исклучоци, станува јасно дека ефективната царинска стапка во САД скокнала на нивоа кои не се видени децении.
Таа се присети и дека некои земји одговориле на овие царини, додавајќи дека покрај овој предизвик, се појавува и предизвикот „ефект на прелевање“.
„Додека големите сили се судираат, помалите земји се наоѓаат во нивниот пресек“, изјави Георгиева.
Што можат да направат земјите?
„Многу – и уште повеќе“, одговори директорката на ММФ.
Прво, додаде таа, сите земји мора да удвојат напорите да ги уредат своите системи.
„Во свет во кој владее зголемена неизвесност и чести шокови, нема простор за одложување на реформите кои ќе ја засилат економската и финансиската стабилност и ќе го зголемат потенцијалот за раст“, истакна Георгиева.
Таа нагласи дека денешните економии се соочуваат со нови предизвици од послаба стартна позиција, бидејќи јавните долгови се многу поголеми отколку пред неколку години.
„Затоа, повеќето земји треба да преземат решителни фискални мерки за да го враќаат просторот за делување во политиката, при што е важно да се постават постепени патеки за прилагодување кои ги почитуваат постојните фискални оквири“, додаде Георгиева.
На крајот, таа повтори дека е потребна поотпорна светска економија, а не подолг пат кон поделби.
„Очекувам нашите пролетни состаноци следната недела да бидат важен форум за дијалог во важен момент. Сите земји, големи и мали, можат и треба да ја играат својата улога во јакнењето на глобалната економија во ерата на чести и посилни шокови“, заклучи Георгиева.