Поранешниот пратеник во Европскиот парламент од редовите на про-Брегзит партијата УКИП, Нејтан Гил, денеска во Лондон беше осуден на 10 и пол години затвор поради примање мито во рамки на прорусka кампања за влијание во Европскиот парламент.
Гил (52) го претставуваше Обединетото Кралство во ЕП од 2014 до 2020 година, најпрво како член на УКИП, а потоа и како дел од Партијата за Брегзит. Во тој период тесно соработуваше со Најџел Фараж, кој исто така беше европратеник.
По заминувањето од ЕП, Гил ја предводеше партијата „Реформ УК“ во Велс во 2021 година, но подоцна се дистанцираше од антимиграциската партија на Фараж. Случајот и строгата пресуда што му беше изречена се оценуваат како неповолни за „Реформ УК“ и за самиот Фараж, кој води во политичките анкети во Велика Британија.
Судот: „Ja изневеривте довербата на граѓаните“
Судијата му порача на Гил дека неговото однесување „суштински го нарушило интегритетот на едно странско законодавно тело“, нагласувајќи дека тоа претставува „сериозно предавство на довербата што му ја дале гласачите“.
Гил призна осум точки од обвинението за корупција за периодот 2018–2019 година. Според обвинението, тој во Европскиот парламент и во јавните настапи давал изјави со кои ги промовирал руските интереси, а за возврат добивал значителни суми пари.
Тужителот посочи дека говорот што Гил го одржал во Европскиот парламент на 12 декември 2018 година силно наликувал на упатства испратени од прорускито украински политичар Олег Волоцин. По седницата, Гил му го испратил видеото од говорот на Волоцин.
Парите доаѓале од бизнисмен близок до Кремљ
Според обвинителството, средствата што Гил ги добивал потекнувале од украинскиот олигарх Виктор Медведчук, бизнисмен со блиски врски со Кремљ. Судот наведе дека Гил очекувал „неколку илјади, околу 5.000 фунти или евра“ за секое негово делување во корист на руските интереси.
По донесувањето на пресудата, британскиот министер за безбедност Ден Џарвис изјави дека Гил „го злоупотребил својот привилегиран политички статус за да ги стави злонамерните интереси на Русија пред интересите на Обединетото Кралство, што претставува предавство на нашата земја, нашиот народ и нашата национална безбедност“.

