Поранешниот шеф на операции на ЦИА за Европа и Евроазија, Ралф Гоф, изјави дека САД намерно ја ограничиле воената поддршка за Украина за да избегнат ризик од нуклеарна ескалација со Русија.
Во интервју за Њујорк тајмс, Гоф вели дека од почетокот на војната, Западот води стратегија што ѝ овозможува на Украина да се брани, но не и да победи. Според него, стравот од реакцијата на Путин, доколку Русија се соочи со пораз, ги натерал САД да ѝ испорачуваат само делумна поддршка.
„Украина доби доволно за борба, но не и за победа“, рече Гоф, додавајќи дека тоа ја довело во долготрајна и исцрпувачка војна.
Тој го обвини поранешниот претседател Бајден и неговите сојузници дека му дозволиле на Путин да го диктира темпото на конфликтот, притоа пропуштајќи клучни моменти за посилна поддршка на Киев.