Поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, осудена на смрт за наредбата за насилен пресмет со демонстрантите во 2024 година

Судот во Дака денеска ја осуди на смрт поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, која моментално се наоѓа во егзил, поради тоа што, според обвинителите, наредила крвава пресметка со демонстрантите во 2024 година – протести во кои загинале околу 1.400 луѓе.

„Сите елементи на злосторства против човештвото се исполнети. Одлучивме да ја изречеме единствената соодветна казна – смртна казна“, изјави судијата Голам Мортуза Мозумдер.

Судењето на 78-годишната Хасина започна во јуни, откако таа побегна од земјата со хеликоптер и се засолни во Индија. Во текот на постапката, таа беше прогласена за виновна по повеќе точки од обвинението за злосторства против човештвото, меѓу кои поттикнување и наредување убиства. Хасина ги негираше сите обвиненија.

Според податоците на Обединетите нации, протестите што траеја од 1 јули до 5 август 2024 година однеле најмалку 1.400 жртви, претежно цивили. Овие насилни настани, поттикнати од масовна невработеност кај младите и од привилегиите во јавниот сектор резервирани за лица блиски до власта и до ветераните од војната за независност од 1971 година, на крај ја принудија Хасина да ја напушти премиерската позиција по 15 години на власт.

Обидите на владата да ги задуши протестите со полициски час, употреба на сила и исклучување на интернет-услугите само ја подигнаа тензијата и го зголемија незадоволството.

Во моментов државата ја води привремена влада, со Мухамед Јунус добитник на Нобеловата награда за мир во 2006 година на чело.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен