Повеќе од 1.000 загинати во земјотресот во Мјанмар, потрагата по преживеани продолжува

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар надмина 1.002, а повредени се повеќе од 2.376 лица, соопшти тамошната војска.

Уште 30 лица се водат како исчезнати, а спасувачките екипи се уште се обидуваат да најдат преживеани во Мјанмар и Тајланд, јави Ксинхуа.

Земјотресот го погоди Мјанмар вчера околу 12.50 часот по локално време, а епицентарот се наоѓа на околу 16 километри од Мандалај, вториот по големина град во земјата.

Уништени се згради во неколку градови и села, вклучително и железнички и патен мост на автопатот Јангон-Мандалај.

Имаше и силен последователен потрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.

Војската на Мјанмар објави соопштение во кое најави брза истрага и итно помош за погодените области.

Спасувачките операции се отежнати поради оштетената инфраструктура и тешко пристапните региони, објави АП.

Земјотресот го погоди и соседен Тајланд, каде загинаа осум лица, 26 се повредени, а 79 се водат како исчезнати.

Исто така, поддршка во спасувачките операции обезбедуваат и меѓународни тимови.

Кина испрати тим за помош, а Русија и САД понудија и хуманитарна помош.

Како што јави Sky News, кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговарал со лидерот на мјанмарската хунта Мин Аунг Хлаинг и изразил сочувство.

Зачлени се на нашиот е-билтен