Повеќе од 400 убиени во болница во Судан

Најмалку 460 луѓе, меѓу кои пациенти и медицински работници, биле убиени во болница во суданскиот град Ел Фашер, откако паравоените Брзи сили за поддршка (RSF) во неделата ја презеле контролата врз градот, соопштија Светската здравствена организација (СЗО) и Суданската мрежа на лекари. Според „Гардијан“, жртвите биле убиени „ладнокрвно“.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека е „ужаснат и длабоко шокиран“ од извештаите за масакрот во Саудиската болница за мајки и деца. Суданската мрежа на лекари, организација која го следи граѓанскиот конфликт, објави на „Фејсбук“ дека борците на RSF „ладнокрвно ги убиле сите што ги затекнале во болницата“.

Борбите меѓу Суданските вооружени сили и RSF траат од април 2023 година, кога судирот за власт меѓу воените лидери прерасна во отворена војна. Армијата контролира делови од северниот и источниот Судан, додека RSF држи територии на запад и југозапад. Со падот на Ел Фашер, RSF сега ги контролира сите пет регионални престолнини во Дарфур.

Градот, кој некогаш имал повеќе од еден милион жители, беше под опсада од мај 2024 година. Експертите предупредуваа дека неговото заземање може да го повтори сценариото од градот Џенеина во 2023 година, кога RSF уби дури 15 илјади цивили, главно од неарапски етнички групи.

Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Универзитетот Јејл анализирала сателитски снимки направени во понеделник и вторник, на кои се гледаат три групи бели објекти и „црвенкасти траги на земјата“ кои укажуваат на масовни убиства. Според извештајот, пронајдени се „докази што се совпаѓаат со масовни егзекуции“ на неколку локации во градот, вклучително и во поранешната детска болница.

„Не зборуваме за десетици, туку за стотици, а на крајот можеби и илјадници жртви“, изјави Кајтлин Хауарт, директорка за анализа на конфликти во лабораторијата на Јејл. Според коалицијата на вооружени групи што ја поддржуваат Суданската армија, RSF погубиле повеќе од 2000 ненаоружани цивили откако го презеле градот.

RSF произлезе од арапските милиции Џањавид, обвинети за геноцид во Дарфур во 2003 година. Во јануари годинава, американската влада официјално прогласи дека RSF извршиле геноцид. Лидерот на групата, генерал Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемети, призна дека имало „злоупотреби“ од страна на неговите сили и најави истрага.

Преживеаните сведочат за грабежи, изнуди и сексуални напади. Според агенцијата „Асошиејтед прес“, борците на RSF оделе од куќа до куќа, удирале и стрелале врз луѓе, меѓу кои жени и деца.

„Тоа беше како поле на смртта. Телата беа расфрлани насекаде, луѓето крвавеа, а никој не можеше да им помогне“, изјавил по телефон Тајал Рахман, човек на околу 50 години, кој избегал во камп за раселени лица на шеесетина километри од Ел Фашер.

Меѓународната заедница бара итен прекин на огнот и независна истрага за масакрот, кој претставува уште една трагична етапа во крвавата војна што ја пустоши државата Судан.

Зачлени се на нашиот е-билтен