Повеќе од 500 Палестинци убиени во ред за храна

Повеќе од 130 добротворни и невладини организации повикаа на затворање на контроверзната Хуманитарна фондација за Газа (GHF), поддржана од Израел и САД, откако повеќе од 500 Палестинци загинаа барајќи хуманитарна помош од почетокот на нејзиното функционирање крајот на мај, во услови на тримесечна израелска блокада на Појасот Газа.

Во заедничка изјава објавена деновиве, организации како „Оксфам“, „Спасете ги децата“ и „Амнести интернешнал“ предупредуваат дека израелските безбедносни сили и вооружени групи „рутински отвораат оган“ кон Палестинците кои се обидуваат да добијат храна и помош од само четирите дистрибутивни точки што GHF ги воспостави во Газа. Според извештаите, речиси 4.000 лица се повредени во овие инциденти.

Овој систем на дистрибуција ја замени претходната мрежа од околу 400 точки што функционираа во периодот на привремено примирје меѓу Израел и Хамас, и според критичарите, со себе носи значително зголемени ризици по жителите на Газа, принудувајќи ги да патуваат на долги растојанија низ милитаризирана и пренаселена територија.

„Денес Палестинците се соочуваат со невозможен избор – или да гладуваат или да ризикуваат да бидат застрелани додека бараат храна за своите семејства,“ се наведува во заедничката изјава.

Обвиненијата доаѓаат во време кога Обединетите нации и нивниот генерален секретар Антонио Гутереш го осудија системот GHF, предупредувајќи дека тој ја „милитаризира“ хуманитарната помош и ја прави несигурна за цивилите во Газа.

Израелската војска, од своја страна, ги негира обвинувањата дека нивните сили намерно пукаат во цивили и тврди дека го реорганизираат пристапот до дистрибутивните точки, воведувајќи нови огради и предупредувачки знаци за подобрување на безбедноста. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли извештајот на израелскиот весник „Хаарец“, кој цитира војници дека им било наредено да пукаат врз невооружени цивили, нарекувајќи ги обвинувањата „злонамерни лаги“.

Сепак, хуманитарните организации нагласуваат дека GHF не го следи основниот принцип на хуманитарна помош – да обезбеди безбедност и достапност на потребните ресурси. Тие исто така посочуваат дека во нападите врз редиците за храна има жртви меѓу децата, кои остануваат без родители и старатели.

Од почетокот на израелската блокада, условите во Газа се влошени, со сериозен недостиг на храна и основни потреби, а палестинските семејства кои се доведени до крајни граници сега се многу слаби за да се борат за оброци, што ја влошува хуманитарната криза.

Зачлени се на нашиот е-билтен