Сѐ повеќе млади Европејци се изморени од животот онлајн. Според една британска анкета, речиси половина од младите би сакале да растеле во време кога немало интернет, а мнозинството би поддржале полициски час за социјалните мрежи.
Инстаграм-профилот на „Офлајн клубот“ (англ.The Offline Club) има речиси 530.000 следбеници. Иронично, ако се земе предвид дека токму овој клуб е направен за да ги поттикне младите да одморат од социјалните мрежи.
- Замени го времето пред екран со вистинско време – велат холандските основачи на клубот, Иља Кнепелхаут, Јорди ван Бенеком и Валентајн Клок.
Тие организираат настани каде што телефоните и лаптопите се забранети. Наместо „скролање“, учесниците читаат, цртаат, играат друштвени игри или едноставно се релаксираат. Дел од работилниците, наречени „Дигитален детокс“, траат по неколку дена.
Целта на проектот е создавање заедници во кои „офлајн животот“ ќе биде норма. Од Амстердам иницијативата се прошири во Лондон, Париз, Милано, Копенхаген, па дури и во Берлин. Сѐ повеќе ресторани и клубови бараат од гостите да ги остават мобилните дома.
Иако младите тешко се одвојуваат од своите телефони, сепак, се јавува желба за ограничување. Според податоци од германската асоцијација „Битком“, младите на возраст од 16 до 29 години трошат повеќе од три часа дневно седејќи на паметните телефони, најмногу од сите старосни групи.
Данскиот министер за образование призна дека земјата имала „наивен“ пристап кон дигитализацијата
Но, нова анкета на Британскиот институт за стандарди покажува дека речиси 70 отсто од младите се чувствуваат полошо кога се на социјалните мрежи. Половина поддржуваат воведување „дигитален полициски час“ по 22 часот, а 46 отсто би сакале да растеле во време кога немало интернет.
Слични резултати има и анкетата на американскиот институт „Харис пол“, каде што многу млади изразиле желба социјалните мрежи како „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Твитер“ никогаш да не постоеле.
Некои земји веќе преземаат чекори. Велика Британија размислува за задолжителен „дигитален полициски час“. Норвешка сака да ја зголеми минималната возраст за користење социјални мрежи на 15 години. Австралија веќе го направи тоа, па сега младите под 16 години не смеат да користат социјални мрежи.
Данска оди чекор подалеку, па таблетите и телефоните се забранети во училишните дворови. Данскиот министер за образование дури призна дека земјата имала „наивен“ пристап кон дигитализацијата.
Прекумерната употреба на паметни телефони се поврзува со депресија, анксиозност, нарушен сон и зависност. Истражување објавено во списанието „Би-ем-си медисин“ покажа дека депресивните симптоми се намалиле за 27 отсто по само три недели намалена употреба на телефоните.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека менталното здравје кај младите значително се влошило во последните 15 години. Станува збор за тренд кој се заострил за време на пандемијата. Сепак, сѐ уште нема потврдена директна врска меѓу дигиталните медиуми и менталните нарушувања.
Идејата на „Офлајн клубот“ добива сѐ поголем замав. Во април над 1.000 луѓе во Лондон се откажаа од телефоните на неколку часа, рекорд што, се разбира, гордо беше објавен на „Инстаграм“.
Извор: Dw.com