Вооружените судири продолжија утрово во главниот град на Либија, Триполи, јавува агенцијата Анадолија.
Судирите избувнале меѓу вооружени групи во населбите Аин Зара, Рас Хасан и Бин Ашур, според локални извори.
Сè уште нема информации за жртви.
Либиските медиуми објавија дека летовите на аеродромот Митига се суспендирани поради судирите, додека Министерството за образование ја прекина наставата во сите училишта во Триполи.
Мисијата на Обединетите нации за поддршка на Либија (UNSMIL) изрази сериозна загриженост во врска со безбедносната состојба во Триполи.
„UNSMIL е длабоко вознемирена од ескалацијата на насилството во густо населените делови на Триполи втора ноќ по ред, што ги доведува цивилите во сериозна опасност“, се вели во соопштението на мисијата, со повик за итен и безусловен прекин на огнот.
Судирите првпат избувнаа во понеделникот, по смртта на Абдел Гани ал-Кикли, командант на Апаратот за поддршка на стабилноста, тело поврзано со Претседателскиот совет.
Либија е погодена од длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога долгогодишниот лидер Моамер Гадафи беше соборен по повеќе од четири децении на власт.