Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Повторно отруени девојчиња во училиштата во Иран

Десетици девојчиња се отруени денеска во неколку училишта низ Иран, јавија локалните медиуми. Од крајот на ноември минатата година, голем број училишта, главно за девојчиња, се погодени од ненадејни труења со гас или отровни материи. Децата почувствувале слабост, се онесвестиле, а некои завршиле в болница.

Претседателот на Националната истражна комисија за овој случајот, пратеникот Хамидреза Каземи, вчера изјави дека нивниот конечен извештај ќе биде објавен „за две недели“.

Најмалку „60 ученички се отруени (денеска) во женско училиште во Хафткел“ во југозападната провинција Кузестан, изјави локален официјален претставник.

Ученички се затруле и во „пет училишта во Ардабил на северозапад“, каде што имале „симптоми на вознемиреност, отежнато дишење и главоболки“, додал истиот извор.

Во Урмија, главниот град на провинцијата Западен Азербејџан во северозападниот дел на земјата, „неутврден број“ ученици од основните училишта, исто така, биле затруени од „истекување на гас“, објавија локалните медиуми.

Според официјалните податоци од 7 март, „повеќе од 5.000“ деца биле затруени во повеќе од 230 училишта во 25 провинции од вкупно 31.

Труењата престанаа на почетокот на март откако беше објавено дека се уапсени стотина лица, но сега повторно продолжија.

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи повика на „строги казни“, дури и смртни, за оние кои ќе се утврди дека се одговорни за труењата, нарекувајќи ги „непростливи злосторства“.

Ученичките беа отруени во екот на протестите во Иран предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување за жените.

Повеќемесечните протести предизвикани од смртта на Амини се најголемата криза со која се соочи Иран во последните децении, а повеќе од 500 демонстранти беа убиени во судирите со полицијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново