Најмалку 17 лица загинаа денеска во голем пожар што избувна во една деловна зграда во индонезиската престолнина Џакарта, соопшти полицијата.
Пожарот избувнал во седумкатна зграда, која за кратко време била обвиена во густ, црн чад, јавува Associated Press. Настанот предизвикал паника меѓу локалните жители и вработените во околните објекти во центарот на градот.
Според индонезиската телевизија Компас, пожарникарите успеале да го стават огнот под контрола, но засега нема информации за причините за избувнувањето на пожарот.
Вознемирувачките сцени од местото на несреќата покажуваат спасувачи како ги изнесуваат телата на загинатите од објектот, додека продолжуваат проверките за евентуални други жртви или повредени.

