Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пожари во Лос Анџелес: Најмалку 10 жртви, огнената битка продолжува

Во пожарите кои го зафатија Лос Анџелес, бројот на загинати достигна најмалку 10 лица, а околу 10.000 домови и објекти се уништени. Евакуацијата опфати 180.000 граѓани, додека дополнителни 200.000 се предупредени да бидат подготвени за евакуација, соопштија властите. Се стравува дека бројката може да расте, бидејќи идентификацијата на жртвите и информирањето на нивните семејства е сè уште во тек.

На територијата на градот беснеат пет пожари, од кои само мал дел е ставен под контрола. Илјадници домови, цели населби и блокови се уништени, оставајќи многу семејства без покрив над главата.

Пожарите „Палисадес“ и „Итон“ се меѓу најразорните во историјата на градот, уништувајќи 13.750 хектари земја и претворајќи цели населби во пепел, пренесува Reuters.

Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, изјави дека официјалната бројка на жртви ќе се утврди по завршувањето на пребарувањата на погодените подрачја. „Изгледа како на овие места да паднала атомска бомба“, рече Луна, додавајќи дека очекува бројот на жртви да се зголеми.

Според властите, пожарот „Итон“ оштетил или уништил околу 4.000 до 5.000 објекти, додека „Палисадес“ уништил уште 5.300. Напорите за гасење продолжуваат со поддршка од воздушни сили и намалените ветрови кои претходно го засилуваа ширењето на огнот.

Штетите и економските загуби се проценуваат на 135 до 150 милијарди долари, според AccuWeather. Градоначалничката Карен Бас истакна дека се планира итна обнова на уништените подрачја, и покрај критиките за нејзиното справување со кризата.

Претседателот Џо Бајден прогласи голема катастрофа, ветувајќи дека федералната влада ќе ги покрие сите трошоци за санација во наредните 180 дена, што вклучува отстранување на остатоци, изградба на привремени засолништа и поддршка за итните служби. „Им кажав на властите да направат сè што е потребно за да се справат со пожарите“, изјави Бајден.

Временските услови дополнително ја влошуваат ситуацијата. Иако моментално ветрот е стивнат, се очекува повторно да се засили во текот на денот, што ќе ја отежне работата на пожарникарите.

Зачлени се на нашиот е-билтен