Позната авиокомпанија укинува популарна услуга – нема веќе шопинг во авионите

Германската авио-компанија Lufthansa објави дека од септември 2025 година целосно ја укинува продажбата на производи во авионите, со образложение дека оваа услуга повеќе не е исплатлива.

Портпаролот на компанијата за германските медиуми изјави:

– Продажбата на долги релации ќе биде целосно укината од септември 2025 година.

Оваа одлука не доаѓа ненадејно – Lufthansa веќе извесен период постепено ја намалуваше понудата, отстранувајќи парфеми, часовници, накит и чоколади од некои линии, особено на оние кои се покажале како економски неисплатливи.

Иако некогашниот duty-free каталог беше омилен начин за „убивање време“ на долги летови, денешните патници сè поретко се одлучуваат на купување во текот на летот. Поради тоа, компанијата реши да го искористи просторoт за други, поисплатливи цели, во рамки на поширока ревизија на услугите на интерконтиненталните летови.

Оваа промена најмногу ќе ја почувствува кабинскиот персонал, бидејќи стјуардите и стјуардесите добиваа провизија од продажбата. Иако многумина не уживаа во оваа обврска, дополнителната заработка често правеше значителна разлика во нивната месечна плата.

Со оваа одлука Lufthansa се придружува на други големи авиокомпании кои веќе ја укинаа оваа услуга. Холандскиот KLM беше еден од првите – тие ја прекинаа duty-free продажбата уште во 2019 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен