Позната германска компанија оди во стечај – 400 вработени остануваат без работа

Германската ИТ-дистрибутивна компанија Siewert & Kau, со седиште во Бергхајм, поднесе барање за отворање стечајна постапка на 5 мај до Окружниот суд во Келн. Компанијата, која со години важеше за еден од водечките играчи во Северна Рајна-Вестфалија, вработува околу 400 лица и остваруваше годишен приход од над 700 милиони евра.

Како што соопшти градоначалникот на Бергхајм, Волкер Миселер (ЦДУ), причините за банкротот сè уште се испитуваат. Сепак, како клучни фактори се наведуваат прекумерната зависност од продажба на хардвер – сектор со сѐ помала профитабилност во ИТ-индустријата – како и внатрешни финансиски потешкотии и губење на клучни банкарски партнери.

Иако компанијата последниве години инвестираше во проширување на бизнисот – вклучително и во нов логистички објект отворен во 2022 година – тие чекори не беа доволни за да се надминат промените на пазарот. Siewert & Kau соработува со големи партнери како Dell и Fujitsu, а освен седиштето во Германија, има филијали и во Холандија и Шпанија.

Градските власти во Бергхајм сепак изразија умерен оптимизам. Во градот наскоро ќе се отвори дигитален парк на Microsoft, а и самата компанија, како семеен бизнис, има потенцијал за реструктурирање. Општината најави подготвеност да помогне во зачувување на работните места и се надева дека фирмата ќе успее да излезе од кризата.

Овој стечај доаѓа во период на пораст на стечајните постапки низ Германија. Во последно време, свои капацитети затворија и производителот на батерии CustomCells и текстилната компанија Curt Bauer, која постоеше 142 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен