Италијанската компанија Iveco, познат производител на камиони, објави дека ќе го продаде својот сектор за комерцијални возила и автобуси на индискиот индустриски гигант Tata Motors. Воено-технолошкиот оддел, пак, ќе премине во сопственост на италијанската одбранбено-аеронаутичка компанија Leonardo.
Во февруари годинава, Iveco најави дека ќе ги раздвои деловите за воена и цивилна продукција за да постигне поголема „стратешка флексибилност“. Во изјавата за јавност се наведува дека трансакциите треба да му овозможат на секој сектор подобра позиционираност на пазарот.
Воениот оддел за 1,7 милијарди евра, комерцијалниот за 3,8 милијарди
Leonardo ќе го преземе одделот за воена опрема за 1,7 милијарди евра, додека Tata Motors достави обврзувачка понуда од 3,8 милијарди евра за купување на делот со камиони и автобуси.
Трансакцијата со Leonardo треба да се финализира најдоцна до крајот на март следната година, под услов да добие одобрение од регулаторните тела. За понудата на Tata Motors ќе се применат правила поврзани со контрола на концентрација, странски директни инвестиции, како и европските регулативи за странски субвенции.
Финансиска добивка за семејството Ањели
Холдингот Exor, сопственост на семејството Ањели, кое поседува нешто повеќе од 27% од Iveco, ќе оствари добивка од околу 1,5 милијарди евра од оваа трансакција, објави италијанската агенција Ansa. Компанијата Exor е основана пред речиси еден век од Џовани Ањели, основачот на FIAT.
Покрај камиони за цивилна и воена употреба, Iveco произведува и мотори, оски и батериски системи, стои на официјалната веб-страница на компанијата.