Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пред 60 години Мартин Лутер Кинг одржа говор кој ја промени Америка

Илјадници Американци ќе се соберат денеска во Вашингтон за да ја одбележат 60-годишнината од Маршот на Вашингтон, клучен настан во движењето за граѓански права од 60-тите, на кој Мартин Лутер Кинг го одржа својот познат говор „Јас имам сон“ (“I Have a Dream”).

Во 1963 година, Маршот на Вашингтон собра повеќе од 250.000 луѓе во главниот град на САД во обид да се стави крај на дискриминацијата врз основа на раса, боја на кожа, религија, пол или националност. Многумина сметаат дека настанот е заслужен за усвојувањето на Законот за граѓански права во 1964 година.

Годинешниот настан, организиран од Националното здружение за унапредување на обоените луѓе (NAACP) и други групи за граѓански права, се одржува кај споменикот посветен на американскиот претседател Абрахам Линколн, пред кој Кинг го упати својот повик за еднаквост во 1963 година.

Кимберл Креншо, директорка на Афроамериканскиот политички форум, изјави дека годишнината доаѓа во време на тежок период за земјата. „Самата историја што ја одбележува маршот не само што се доведува во прашање, туку и се искривува“, истакна Креншо, осврнувајќи се на ситуацијата во неколку држави, каде што се забранети книгите и наставата врз основа на таканаречената критична расна теорија, според која наследството на расизам ја обликува американската историја.

Таа го нарече тоа и другите потези, како што е укинувањето на афроамериканските студии од државните училишта на Флорида и во Арканзас, „заеднички напор да се замолчи разговорот за таа историја“. Непријателите на критичката расна теорија тврдат дека таа ја искривува историјата и непотребно предизвикува поделби и ги вознемирува учениците.

Некои од говорниците на денешниот настан ќе бидат лидерите на движења за граѓански права, како што се свештеникот Ал Шарптон, синот на Кинг, Мартин Лутер Кинг III, неговата внука Јоланда Рене Кинг и лидерот на демократите во Конгресот, Хаким Џефрис.

Што се однесува на целите што Кинг ги замислил во својот „сон“, земјата измина долг пат од 1963 година, рече Џонатан Гринблат, директор на Лигата за борба против клевета (ADL), која одигра клучна улога во лобирањето за носење на Законот за граѓански права.

Тој нагласи дека неодамнешните одлуки на Врховниот суд со кои се забранува позитивна дискриминација и можност за абортус се причина за загриженост. „Видовме проширување на антисемитизмот, видовме интензивирање на расизмот“, рече Гринблат, кој исто така денеска ќе има свое обраќање.

Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис в понеделник во Белата куќа ќе се сретнат со организаторите на денешниот марш за да го одбележат состанокот од 1963 година меѓу организаторите на првичниот настан и администрацијата на тогашниот претседател Џон Ф. Кенеди.

Треба да знаете
Moже да ве интересира