Главниот британски преговарач за односите со Европската унија, Ник Томас-Симондс, изрази ентузијазам за потенцијалната шема за младинска мобилност, со што сигнализира нов курс на владата кон поблиска соработка со ЕУ.
Томас-Симондс, кој е министер во Кабинетската канцеларија и ги води разговорите за обновување на односите меѓу Велика Британија и ЕУ, рече дека со нетрпение очекува да се потпише договор што ќе им овозможи на младите полесно да патуваат и работат низ Европа.
„Многу сум возбуден што оваа младинска програма отвора одлични можности за Британците да искусат различни култури. Ќе биде фантастично“, изјави тој.
Оваа изјава претставува значајна промена во тонот на владата, која до неодамна не сакаше ни да потврди дали е подготвена да разговара за ваква шема.
Во својот говор, Томас-Симондс најави и дека до почетокот на 2027 година ќе се договори нов извозен земјоделски договор со ЕУ – уште еден чекор кон приближување со Брисел.
„Ќе биде потребно многу работа, но целта е јасна – да постигнеме договор кој ќе го олесни извозот и ќе ја зајакне нашата економија“, изјави тој.
Притоа, Британија ќе бара ослободувања од некои ЕУ регулативи, како што се ограничувањата за генетски модифицирани култури, додека Франција веројатно ќе бара Британија да се откаже од забраната за увоз на фоа гра, ветена пред изборите.
Томас-Симондс призна дека Британија ќе бара исклучоци, но нагласи дека владата е подготвена на т.н. „динамично усогласување“ со ЕУ – односно, британските правила да се менуваат во склад со европските стандарди кога тоа има економски смисол.
„Ние избираме да се усогласиме со заеднички високи стандарди затоа што тоа е во наш интерес и ќе им заштеди пари на бизнисите низ целата земја“, истакна тој.
Изјавите на Томас-Симондс за младинската мобилност се разликуваат од досегашната претпазливост на министрите, кои избегнуваа да зборуваат за вакви иницијативи поради страв од реакција околу враќање на слободното движење.
Но, во круговите на Лабуристичката партија расте самодовербата дека јавноста би можела да прифати поблиски врски со ЕУ – и покрај кампањата на Најџел Фараж против миграцијата.
„Фараж не сака Британија да има никакви односи со ЕУ… бидејќи сака Британија да пропадне“, рече Томас-Симондс.
Сепак, на прашањето да ги коментира зборовите на Фараж од вторникот, кога тој рече дека барателите на азил извршиле „инвазија“ врз Британија, министерот кусо одговори:
„Сите користиме свој јазик. Јас не би го користел јазикот на Фараж.“