Прекинато работењето на нуклеарната централа во Франција поради топлотен бран

Францускиот енергетски гигант EDF го прекина производството во нуклеарната централа Голфеш, лоцирана на реката Гарона, поради екстремно високите температури кои го загрозуваат системот за ладење. Одлуката дојде како реакција на прогнозите за зголемување на температурата на водата во реката, која служи за ладење на реакторите.

Претходно оваа недела, EDF најави намалување на производството на 2 јули, но веќе во неделата навечер целосно го прекина производството за да се спречи прегревање на реката Гарона. Прогнозите предвидуваат температура на водата да достигне 28 степени Целзиусови, што го надминува пропишаниот температурен лимит за испуштање на загреаната вода од системот за ладење во околината.

EDF не објави колку долго ќе трае прекинот, но се очекува топлотниот бран во Франција да трае до средината на неделата, со температури на воздухот кои ќе достигнат и до 40 степени.

Во слична мерка, во неделата компанијата го намали производството во нуклеарната централа Блеј за да го заштити естуарот Жиронд. Властите исто така размислуваат за намалување на производството во нуклеарната централа Бугеј на југот на Франција, која ја користи реката Рона за ладење и има капацитет од 3,6 GW.

Пред десет дена, EDF предупреди дека топлотниот бран ќе ја зголеми температурата на водата на Рона и ќе влијае на производството на електрична енергија, особено во централата Бугеј.

Администрацијата вчера истакна дека ограничувањата и прекините на работењето на нуклеарните централи за време на топлотните бранови ќе имаат „занемарливо“ влијание врз вкупното годишно производство на електрична енергија, оценувајќи дека ваквите мерки од 2000 година наваму го намалиле производството само за околу 0,3 проценти годишно.

Експертите посочуваат дека топлотниот бран е поврзан и со проблеми со корозија во цевките на системите за ладење на централите, кои може да се должат на повисоките нивоа на кислород поради нестабилностите во производството предизвикани од флуктуации во снабдувањето со обновливи извори и врвната потрошувачка.

Нуклеарната енергија ја сочинува околу 70 проценти од вкупната годишна потрошувачка на енергија во Франција, а EDF традиционално ги одржува своите централи во работа и за време на летните месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен