Премиерот на Гренланд: Не сме на продажба!

Премиерот на најголемиот остров во светот, Муте Егеде, испрати јасна порака дека граѓаните на Гренланд не сакаат да бидат ниту Американци, ниту Данци – туку Гренланѓани.

„Не сакаме да бидеме ниту Американци, ниту Данци, ние сме Гренланѓани“, изјави Егеде, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно го искажа својот интерес за преземање на овој автономен дански регион.

„Американците и нивниот шеф мора да го разберат тоа“, напиша Егеде на Фејсбук, шест дена пред парламентарните избори на Гренланд.

Премиерот категорично порача: „Не сме на продажба и не може едноставно да нè преземат.“

Во своето обраќање пред Конгресот во вторникот, Трамп изјави дека американската влада работи на процесот за преземање на Гренланд, пренесе Ројтерс.

„Мислам дека ќе го имаме – на еден или на друг начин, ќе го имаме“, изјави Трамп, сугерирајќи дека САД не се откажуваат од идејата за стекнување на оваа територија.

Тој на Гренланѓаните им порача дека, доколку се приклучат кон САД, ќе бидат „сигурни и богати“ и дека нивниот остров ќе постигне „височини за кои порано не можеа ни да замислат дека се можни.“

„Тоа е многу мал број на жители, но многу, многу голем дел од земјата, кој е исклучително важен за воената безбедност“, нагласи Трамп.

Тој додаде дека САД „силно го поддржуваат правото на Гренланд да одлучува за својата иднина“, нагласувајќи дека, доколку одлучат да се приклучат кон САД, тие се „добредојдени.“

Иако Трамп упати охрабрувачки пораки, анкетите покажуваат дека големото мнозинство од речиси 57.000 жители на Гренланд се противат на приклучувањето кон САД.

Сепак, истите анкети покажуваат дека повеќето Гренланѓани поддржуваат целосна независност од Данска, што ја отвора дебатата за идниот политички статус на овој стратешки важен остров.

Зачлени се на нашиот е-билтен