Украинските власти објавија аудио снимки од пресретната радио комуникација меѓу руски војници, во кои се слуша јасна и морничава наредба: „Фатете го командантот и убијте ги другите.“ Според украинската страна, овие разговори претставуваат доказ дека руските команданти им наредуваат на своите сили да егзекутираат украински војници кои се предаваат — што е сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право, пренесува CNN.
Совпаѓање со снимки од егзекуции
Аудио снимките биле пресретнати од украинската војска и споделени со новинарите од CNN од страна на украинското разузнавање. Временски се совпаѓаат со дронски снимки за кои се верува дека прикажуваат егзекуција на украински војници во регионот Запорожје, во ноември минатата година.
Intercepted Russian radio chatter appears to capture orders to kill surr… https://t.co/FU8NB8lf2H via @YouTube
— Karl-Erik Holmström (@travkalle) May 21, 2025
На снимката се гледаат шест војници како лежат ничкум на земја, од кои најмалку двајца се убиени од блиска далечина. Еден од војниците бил одведен, а неговата судбина засега е непозната.
Специјалниот известувач на Обединетите нации за вонсудски егзекуции, Морис Тидбал-Бинц, потврди дека материјалот укажува на систематски убиства на војници кои се предале, што е документрано и во други случаи. Според него, таквите акти не можат да се случуваат без дозвола или наредба од високите ешалони на руската воена и политичка команда.
„Ова не би се случувало толку често и со толкава фреквенција без одобрение од највисоките воени структури – а во Русија тоа значи претседателството,“ рече Тидбал-Бинц.
Автентичноста потврдена од разузнавачи
Иако CNN не можеше независно да ја потврди автентичноста на радио-преносите или директната поврзаност со конкретната снимка од дронот, форензички експерти не нашле траги на манипулација. Западен разузнавачки службеник, кој ги прегледал снимките, изјавил дека тие се веродостојни и конзистентни со други документирани случаи на егзекуции од руската армија.
Поврзани злосторства и обвиненија
Украинската служба за безбедност (СБУ) го поврза 394-тиот моторизиран стрелачки полк на руската армија со овие и други злосторства, вклучително и обезглавување на украински заробен војник во истиот регион. Против командантот на таа единица се покренати обвиненија.
Според Канцеларијата на украинскиот генерален обвинител, од 5 мај 2024 година се водат 75 кривични истраги за 268 сомнителни егзекуции на украински воени заробеници. Бројот на вакви случаи значително пораснал:
- Во 2022 година биле пријавени 8 случаи (со 57 жртви),
- Во 2023 година повторно 8 случаи (со 11 жртви),
- Во 2024 веќе 39 случаи (со 149 жртви),
- А досега во 2025 – 20 случаи (со 51 жртва).
Наредби од највисоко ниво?
Според Јуриј Белоусов, шеф на Одделот за воени злосторства во украинското обвинителство, овие убиства се последица на наредби што доаѓаат директно од рускиот врв. „Сè уште немаме писмени наредби, но имаме повеќе примери за усни инструкции“, рече тој.
Белоусов потсети и на изјава на Владимир Путин од март, во која украинските војници заробени во рускиот Курски регион беа наречени терористи. „Сите знаеме како Путин се однесува со тие што ги нарекува терористи. Тоа за нас значи егзекуција“, заклучи тој.
Потенцијални импликации на меѓународната сцена
Овие нови информации може дополнително да ги усложнат меѓународните напори за запирање на војната, особено во контекст на реториката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој често избегнуваше критика на Путин и дури ја суспендираше поддршката за мониторинг на руските воени злосторства.