Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Прошталeн подарок на Бајден за главоболки на Путин, руската нафта останува во пристаништата

Кинеските и индиските рафинери бараат алтернативни резерви на гориво додека се обидуваат да се прилагодат на строгите нови американски санкции врз руските производители и танкери, чија цел е да го ограничат профитот на вториот по големина извозник на нафта во светот.

Американското Министерство за финансии во петокот воведе санкции за руските нафтени компании Сургуњефт и Гаспромнефт и нивните подружници, вклучително и нафтената индустрија на Србија (НИС). На списокот на санкционирани бродови има и 183 пловни објекти, кои ја сочинуваат руската „флота во сенка“, која досега и дозволуваше на Москва да ги заобиколи санкциите за да испорача нафта на светските пазари, пишува Ројтерс, а пренесува Voice of America.

Откако САД објавија нови санкции, најмалку 65 танкери за нафта се закотвени на повеќе локации, вклучително и во близина на бреговите на Кина и Русија, пишува Ројтерс, повикувајќи се на анализа на податоците од веб-страниците MarineTraffic и LSEG, кои го следат движењето на бродовите.

Пет танкери се наоѓаат во близина на кинеските пристаништа, седум во близина на Сингапур, а останатите недалеку од Русија, во Балтичкото Море и на Далечниот Исток.

Некои танкери се закотвени во близина на иранските пристаништа и Суецкиот канал. Аналитичарите проценуваат дека околу 10 отсто од светската флота на нафтени танкери е под американски санкции.

Танкери кои беа цел на новата рунда американски санкции минатата година превезуваа околу 1,5 милиони барели сурова нафта дневно, што претставува околу 1,4 отсто од глобалната побарувачка за гориво, покажуваат податоците на финансиската институција Морган Стенли, која цитира податоци од Vortex, која ги следи движењата на танкерите.

Многу од нив транспортираа нафта во Индија и Кина, откако Русија се префрли на азискиот пазар поради западните санкции и ценовните ограничувања наметнати од Г7 во 2022 година. Покрај тоа, некои танкери превезуваа нафта од Иран, кој исто така е под санкции.

Цените на нафтата исто така скокнаа, при што суровата нафта во понеделникот се продаваше за 81 долар за барел – највисока од август.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, во понеделникот изјави дека претседателот Џо Бајден верува дека цените на нафтата ќе се стабилизираат и дека не би вовел санкции доколку мисли дека тие ќе ги оптоварат американските потрошувачи.

Кремљ соопшти дека санкциите ризикуваат да ги дестабилизираат глобалните пазари и дека Русија ќе се обиде да им се спротивстави.

„Јасно е дека САД ќе продолжат да се обидуваат да ја поткопаат позицијата на нашите компании на неконкурентни начини, но очекуваме дека ќе можеме да се спротивставиме на тоа“, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Кина, исто така, рече дека се противи на едностраните американски санкции.

Аналитичарите проценуваат дека новите казнени мерки веројатно ќе го намалат извозот на руска нафта на краток рок, но дека Русија би можела да се прилагоди со користење на бродови кои сè уште не се под санкции.

Посочуваат и дека не се знае колку танкери има во „флотата во сенка“, но се проценува дека се близу 600.

Поради новите мерки, кинеските рафинерии им се враќаат на продавачите на нафта чиј увоз не е ограничен, од Обединетите Арапски Емирати, Ангола и Бразил. Тие исто така се во преговори за купување нафта од Западна Африка и Канада, пренесува Ројтерс.

Во моментов, повеќе од 60 отсто од руската нафта транспортирана по морски пат се извезува во Индија, која е трет најголем увозник и потрошувач на овој извор на енергија во светот.

Иако индиските рафинерии престанаа да работат со нафтени танкери и ентитети под американски санкции, земјата не очекува никакво нарушување на испораките на руска сурова нафта во текот на двомесечниот преоден период, според извор од индиската влада.

Трговците велат дека индиските рафинери, кои купија сурова нафта од Блискиот Исток минатата недела пред да бидат објавени санкциите, бараат повеќе залихи.

Зачлени се на нашиот е-билтен