Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протечените американски документи велат дека Египет тајно планирал да испорачува ракети на Русија

„Вашингтон пост“ објави дека протечените документи на американските разузнавачки служби покажуваат дека Египет планирал тајно да и испорачува на Русија ракети и муниција.

Весникот цитира документ од 17 февруари меѓу претседателот Абдел Фатах ал-Сиси и високи египетски воени претставници. Во документот, Сиси им наредува на функционерите да го чуваат производството и испораката на ракети за Русија во тајност „за да се избегнат проблеми со западот“, а дополнително ги наведува и плановите за снабдување на Русија со артилериски истрели и барут.

Прашан за документите, портпаролот на египетското Министерство за надворешни работи, амбасадорот Ахмед Абу Зеид, изјави за „Вашингтон пост“: „Позицијата на Египет од самиот почеток се заснова на неинволвирање во оваа криза и посветеност да одржува еднаква дистанца со двете страни, а притоа ја потврдува поддршката на Египет на повелбата на ОН и меѓународното право“.

Тој рече дека Египет продолжил да „ги повикува двете страни да ги прекинат непријателствата и да постигнат политичко решение преку преговори“.

Во извештајот се цитира и анонимен американски функционер, кој рекол дека, според нивните сознанија, оружјето не било доставено. „Немаме податоци за никакво извршување на тој план. Не сме виделе тоа да се случи“.

„Вашингтон пост“ забележува дека Египет е еден од најблиските сојузници на САД на Блискиот Исток и главен примател на американска помош, и дека американското Министерство за правда отворило истрага за протекување на доверливите документи.

Извор: Гардијан(Нова тв)

Зачлени се на нашиот е-билтен