Прва украинска фабрика за оружје ќе се отвори на територија на НАТО – во Данска

Украинскиот производител на оружје Fire Point ќе отвори фабрика во Данска, соопшти данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен. Овој потег претставува пресвртница во соработката меѓу Киев и неговите западни сојузници.

Фабриката ќе биде лоцирана во градот Војенс, на југот на земјата, каде што се наоѓа и данска воена база со борбени авиони F-16. Станува збор за прв случај украинска компанија за оружје да отвори производствен погон во земја-членка на НАТО.

Fire Point е специјализирана за борбени дронови и крстосувачки ракети, меѓу кои и моделот Flamingo FP-5, што може да носи боева глава од 1.150 килограми. Во Данска, компанијата ќе произведува пред сè ракетно гориво, а отворањето на фабриката се очекува до декември.

Поулсен го најави проектот на состанокот на нордиските и балтичките лидери, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Данскиот министер призна дека Кремљ може да се обиде да одговори со „саботажа и шпионажа“, додавајќи дека „заканата, секако, стана поголема“.

Зачлени се на нашиот е-билтен