Првиот лек против маларија за бебиња одобрен и наскоро пристигнува во Африка

Фармацевтската компанија „Новартис“ објави дека официјално е одобрен првиот лек против маларија специјално прилагоден за бебиња и мали деца. Лекот, наречен „Коартем Бејби“ (или „Ријамет Бејби“), има вкус на слатка цреша и може да се раствора во вода или мајчино млеко, што значително ја олеснува употребата кај најмалите пациенти.

Испитувањата се спроведени во осум африкански земји – меѓу кои Кенија, Нигерија, Танзанија и Уганда – а дистрибуцијата на лекот низ континентот се очекува да почне во наредните недели.

До сега, немало одобрен лек за маларија за деца со тежина помала од 4,5 килограми, па бебињата се лекувале со препарати за постари деца, што носело ризик од предозирање поради недоволно развиен црн дроб.

„Повеќето постоечки лекови не се тестирани на бебиња под шест месеци, бидејќи тие обично се исклучени од клиничките студии“, вели професорот Умберто Д’Алесандро од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Се проценува дека секоја година околу 30 милиони бебиња се раѓаат во региони каде маларијата е присутна, а помеѓу 3,4 и 18,4% од нив ќе развијат инфекција во првите шест месеци од животот.

Новартис најавува дека лекот ќе се дистрибуира по модел близок до непрофитна продажба, за да биде достапен за што е можно повеќе семејства.

Во исто време, научниците работат и на нови технологии, како генетски модифицирани комарци, за да го намалат ширењето на маларијата и други болести што ги пренесуваат комарците, со цел да се намали заканата по животот на децата во најзагрозените области.

Зачлени се на нашиот е-билтен