Најмалку три лица загинаа во снежната бура што ги зафати јужните делови на САД, од Тексас до Флорида, објави „ABC News“.
Во Луизијана властите пријавија над 50 сообраќајни несреќи поради замрзнати патишта, додека во Остин (Тексас) и Џорџија три лица починаа од хипотермија. Во Алабама, патиштата во три окрузи се целосно непроодни.
Повеќе од 2.100 летови се откажани низ целата земја, а аеродромите во Хјустон и Талахаси се привремено затворени. Се очекува повторно отворање на аеродромите во текот на денот.
Првпат во Тексас и Луизијана е издадено предупредување за снежна бура. Невремето донесе најголем снег во Њу Орлеанс од 1963 година, што резултираше со затворање на многу училишта. Жителите се советуваат да останат дома поради опасните услови.
Бурата зафати повеќе јужни држави, вклучувајќи Мисисипи, Алабама, Џорџија, Јужна Каролина и Флорида, со значителни последици за транспортот и секојдневниот живот.