Путин изрази сочувство за убиството на ајатолахот Хамнеи

Путин
Kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во врска со атентатот врз врховниот лидер Али Хамнеи и неговото семејство, соопшти Кремљ.

„Ве молам прифатете ги моите најдлабоки сочувства во врска со атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен со цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.

Хамнеи беше убиен во саботата наутро како резултат на напад од страна на Израел и САД, потврди иранската влада утрово, а објавија иранските државни медиуми.

Во саботата, САД и Израел започнаа серија напади врз ирански цели, вклучувајќи го и Техеран, предизвикувајќи штети и цивилни жртви, по што Иран започна одмазднички ракетни напади врз израелска територија, како и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

Нападите врз Иран беа извршени и покрај разговорите за „нуклеарното досие“ на Иран меѓу Вашингтон и Техеран оваа недела во Женева, со посредство на Оман, потсетува руската агенција.

Руското Министерство за надворешни работи ги осуди нападите на САД и Израел. Москва објави дека одговорноста за негативните последици од кризата предизвикана од човекот е целосно врз нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен