Рускиот претседател Владимир Путин вчера го објави својот план за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, почнувајќи од почетокот на јули, објавија западните медиуми.
Тој истакна дека подготовките за клучните постројки ќе бидат завршени на 7 и 8 јули, а потоа ќе започне преместувањето.
Ова беше објавено по неговата средба со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тоа би значело дека преместувањето ќе започне непосредно пред самитот на НАТО во Литванија, која граничи со Белорусија. Самитот во литванската престолнина Вилнус ќе се одржи на 11 и 12 јули.
Путин уште на 25 март најави дека ќе го премести руското нуклеарно оружје во сојузничката земја, поранешната советска република Белорусија. Тој го оправдува потегот со тврдењето дека САД со години имаат нуклеарно оружје во европските земји, како што е Германија.
Западните воени сојузници остро го критикуваа ваквиот план. Кон крајот на мај Лукашенко изјави дека најавениот трансфер на оружје во неговата земја веќе е започнат.
Ако планот на Москва се оствари, Белорусија ќе има нуклеарно оружје за прв пат од 90-тите години, откако доброволно го предаде по распадот на Советскиот Сојуз. Ќе бидат распоредени ракети Искандер, кои можат да бидат опремени со нуклеарни боеви глави.
Неколку белоруски борбени авиони исто така се прилагодени за користење на новото вооружување.