Германскиот весник „Шпигел“ пишува дека додека платениците на групата Вагнер се приближуваат кон главниот град на Русија, сите директни летови од Москва се распродадени.
За потсетување, утринава борците на Вагнер влегоа во Русија од окупираните региони на Украина и тврдат дека ја презеле контролата врз клучните безбедносни позиции.
Извештаите покажуваат дека тие сега се упатуваат кон рускиот главен град. Авионските билети од Москва до Тбилиси во Грузија, Астана во Казахстан и Истанбул во Турција повеќе не се достапни, потврди весникот „Шпигел“.
Би-Би-Си Русија, пак, соопшти за евакуација на јавни згради низ Москва додека борците на Вагнер напредуваат кон Москва.
Медиумот објави дека во Москва се евакуираат музеите во близина на Кремљ.
Во последните неколку часови, пишува Гардијан, има извештаи за евакуација на Третјаковската галерија, Музејот Пушкин и Домот на културата.
Во Москва се евакуирани и трговскиот центар Мега Белаја Дача и трговскиот центар Квартал, јави Би-Би-Си.