Раст на БДП во Еврозоната во вториот кавртал од 2023, јулската инфлација 5,3 отсто

Сезонски прилагодениот БДП во второто тримесечје од годинава порасна за 0,3 отсто на квартално ниво во Еврозоната и остана непроменет на ниво на цела ЕУ, додека стапката на инфлација во зоната не еврото во јули се намали на 5,3 од јунските 5,5 проценти, соопшти денеска Статистичката служба на ЕУ – Евростат.

Според прелиминарните податоци на Евростат, на годишно ниво во вториот квартал од 2023 година економскиот раст изнесува 0,6 отсто во еврозоната и 0,5 проценти на ниво на цела ЕУ.

Во првиот овогодишен квартал, БДП во Еврозоната остана непромент, а на ниво на цела ЕУ забележа раст од 0,2 отсто. Годишниот економски раст во првото тримесмечје од 2023 година изнесуваше по 1,1 проценти и во Еврозоната и во цела ЕУ.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, од Евростат посочуваат дека овие прелиминарни проценки за растот на БДП се нецелосни и ќе бидат предмет на дополнителни ревизии.

Одделно по секоја земја, според досега добиените и расположливи податоци, најголем квартален раст на БДП во второто тримесечје бележи Ирска со 3,3 проценти, пред Литванија со 2,8 отсто, Франција 0,5, Шпанија 0,4, Белгија 0,2 и Чешка со 0,1 проценти.

Од друга страна, најголем пад на БДП има Шведска од 1,5 отсто на квартално ниво, Летонија 0,6, Австрија 0,4 и Италија од 0,3 проценти. Во Германија и Португалија БДП остана непромент во однос на првото тримесечје.

Ирска е „шампион“ во растот на БДП и на годишно ниво од 2,8 проценти, пред Португалија со 2,3  и Шпанија 1,8 отсто. Белгија, Литванија и Франција бележат раст на БДП во вториот квратал од 0,9 отсто споредено со истиот период лани, а Италија од 0,6 проценти.

Најголем пад на БДП во периодот април-јуни 2023 година на годишно ниво е забележан во Шведска од 2,4 проценти, Чешка од 0,6, Летонија 0,5, Австрија од 0,3 и Германија од 0,1 отсто.

Кога станува збор, пак, за инфлацијата во Еврозоната, таа на годишнино ниво во јули е проценета на 5,3 отсто, што е намалување од јунските 5,5 проценти и е во рамки на претходните предвидување на Евростат.

Највисока проценета стапка на инфлација во јули има Словачка од 10,2 отсто, пред Хрватска со 8,1, Литванија 7,1 и Австрија 7,0 проценти. Најмала јулска инфлација од 1,6 отсто има Белгија, пред Луксембург од 2, Шпанија од 2,1 и Кипар од 2,4 проценти.

Ваквата стапка на инфлација најмногу се должи на проценетиот раст на цените на храната, алкохолот и тутунот во јули од 10,8 отсто, кои во јуни поскапеа за 11,6 проценти. Јулските проценети трошоци за услугите се зголемиле за 5,6 отсто (во јуни изнесуваа 5,4 проценти), а на неенергетски индустриски стоки за 5 проценти (во јуни за 5,5 отсто).

Од друга страна, трошоците за енергија во јули се намалиле за 6,1 проценти, за разлика од јунското намалување од 5,6 отсто.

Tags: БДПЕУинфлација

Треба да знаете
Moже да ве интересира