Во Албанија продолжува падот на инфлацијата

 Според албанскиот Институтот за статистика (ИНСТАТ) инфлацијата во земјата во март изнесува 2,3 отсто, што е најниско ниво во изминатите три години и под три проценти, колку што предвидуваше Централна банка на Албанија.

– Во текот на март благ раст забележан е кај групата храна, кирија, вода, горива и енергија, како и групата мебел, опрема и одржување на домот. Намалени се цените на овошјето и зеленчукот. Маслото за јадење го следи трендот на намалување заедно со другите прехранбени производи, наведува ИНСТАТ.

Нивото на инфлација веќе втор месец е по ред под целта на Централна банката на Албанија, но според последната оценка на монетарната институција сè уште е рано за намалување на каматните стапки.

Во завршната анализа во својот извештај Банката оценува дека земјата може да биде погодена од нов инфлаторен бран со рапидниот раст на платите на пазарот на трудот, како и под влијание на надворешни фактори, доколку геополитичката ситуација се влоши со војни, со комерцијални бродови кои се напаѓаат во Црвено Море и тоа може да доведе до прекин на линиите за снабдување.

Инаку, инфлацијата во декември изнесуваше четири отсто, во јануари 3,4 додека во февруари 2,6 проценти. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира