Властите од околу 70 земји му предложија на американскиот претседател Доналд Трамп да започнат преговори за олеснување на царините, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесант во интервју за Fox Business.
„50, 60, можеби 70 земји се обратиле до администрацијата на американскиот претседател со предлог за преговори. Така април, мај и веројатно јуни ќе бидат многу зафатени“, посочи Бесант.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно изјави дека на 15 април ЕУ ќе ги воведе првите одмазднички царини против САД, а следните на 15 мај доколку нема напредок во преговорите. Конкретно, ЕУ му предложи на Трамп да се воспостави меѓусебна нулта царина за индустриски стоки.
„Сè уште сме подготвени да преговараме со САД. Понудивме нула царини за индустриски стоки, што веќе го постигнавме со многу трговски партнери, бидејќи Европа е секогаш подготвена за добра зделка. Ја одржуваме оваа понуда на маса“, рече Фон дер Лајен.
Американскиот претседател сепак го отфрли предлогот, нагласувајќи дека тоа „не е доволно“. Тој ги повика земјите од ЕУ да увезуваат повеќе енергија од САД – износ еднаков на сегашниот трговски дефицит на САД со ЕУ.
За возврат, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европската Унија треба да одговори на царините на Трамп со таргетирање на американската технологија и услуги. Особено, Париз ја повика ЕУ да спроведе данок на дигитални услуги за американските компании до крајот на април.