Украинците сè помалку и помалку му веруваат на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Според ново истражување на Центарот за нова Европа во Киев, довербата во Трамп драстично опаднала. Сега само 7,4% од украинските граѓани му веруваат, додека дури 89% од анкетираните изразуваат недоверба.
Анкетата, спроведена од агенцијата INFO Sapiens помеѓу 10 и 24 април 2025 година, на примерок од 1.000 испитаници, открива остар пад на поддршката за Трамп меѓу украинските граѓани. Во ноември 2024 година, недовербата кон американскиот претседател изнесуваше 47,2%, што значи дека овој удел речиси се удвоил за помалку од половина година, особено по кавгата меѓу Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа.
За споредба, претходно меѓународно истражување спроведено од истражувачкиот центар Пју покажа дека Трамп ужива доверба од 16% од испитаниците во Франција, 30% во Обединетото Кралство и 37% во Унгарија – каде што е забележано и највисоко ниво на поддршка.
Анкетата во Украина не ги вклучува териториите под привремена руска окупација, а статистичката грешка е најмногу ±3,1% со ниво на доверба од 95%.
Овие резултати доаѓаат во време кога Трамп одбележува 100 дена од неговиот втор претседателски мандат, кој започна во јануари 2025 година. Како што објави Си-Ен-Ен, популарноста на Трамп во моментов е пониска од кој било друг претседател на САД во последните 70 години во истиот период од мандатот. Трамп рутински ги отфрла ваквите анкети, нарекувајќи ги „лажни“.