Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Речиси една третина од Американците ќе почувствуваат лош квалитет на воздухот поради шумските пожари во Канада

Речиси една третина од Американците ќе вдишат лош квалитет на воздухот денеска бидејќи чадот од шумските пожари во Канада го исполнува небото над Средниот Запад и Истокот, предизвикувајќи нездрави, а на некои места и опасни услови.

Предупредувањата за квалитетот на воздухот беа во сила до полноќ за делови од САД од Висконсин и северен Илиноис до Мичиген и се протегаа до Њујорк и источниот брег, соопшти Националната метеоролошка служба.

Повеќе од 100 милиони Американци се повикани да ги ограничат продолжените активности на отворено и, доколку е потребно, да носат маска ако имаат белодробни или респираторни заболувања.

Децата и постарите лица исто така се советуваат да ги намалат или целосно да ги избегнуваат напорните активности.

Луѓето кои живеат во големите американски градови како Њујорк, Чикаго и Филаделфија можат да видат облачно небо и да почувбствуваат мирис на запалено дрво во текот на денот.

„Преземете мерки на претпазливост в четврток. Ако имате здравствени проблеми, вклучително и респираторни проблеми како астма, ограничете го времето на отворено“, објави градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс на Твитер.

Денеска трет ден по ред беше мрачно небо над Чикаго. Квалитетот на воздухот беше „нездрав“ во третиот по големина град во САД, кој имаше најлош воздух од кој било поголем град на планетата, според IQAir.com, кој го следи загадувањето.

Предупредувањата за квалитетот на воздухот беа предизвикани од чадот од шумските пожари во Канада, која се бори со својот најлош почеток на сезоната на шумски пожари досега.

Веќе изгоре површина од 8 милиони хектари, поголема од Западна Вирџинија. До вчера имаше 477 активни пожари, од кои околу половина се сметаше дека се надвор од контрола, и кои се проширија од Пацификот до бреговите на Атлантикот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново