Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рекорден број верници во Германија ја напуштиле Католичката црква

Над половина милион верници ја напуштија Католичката црква во Германија лани, што е најголем број на заминувања регистрирани досега, објави денеска Германската бискупска конференција во Бон.

-Во 2022 година, 522.821 верник побарале официјален испис од редовите на Католичката црква, што е најголем број откако се води статистика, се вели во соопштението.

Ова е значително повеќе отколку во 2021 година, кога црквата ја напуштиле 359.338 верници.

Најголем број верници ја напуштија Католичката црква во најголемата надбискупија Келн и Минхен/Фрајзинг.

Овие архиепископии сѐ повеќе се во центарот на јавниот интерес во последниве години поради скандалот околу прикривањето на криминалните дејствија на сексуална злоупотреба на малолетници од страна на вработените во црквата.

Покрај разочарувањето од однесувањето на црковните поглавари во врска со педофилските скандали, многумина ја напуштаат црквата и поради данокот кој е задолжителен за секој верник кој плаќа данок на доход. Т.н. црковниот данок е околу девет отсто од данокот на доход.

Католичката и протестантската, двете најголеми цркви во Германија, сега собираат помалку од половина од населението. Пред 20 години им припаѓало 65 отсто од населението.

Минатата година и протестантската црква загуби рекорден број верници. Во моментов, околу 24 милиони германски граѓани се декларираат како католици, а околу 19 милиони како протестанти.

Според експертите, масовното напуштање на двете најголеми германски цркви може да има трајни последици за германското општество.

-Бавната смрт на католичката и протестантската црква не ги погодува само нив, туку и целото општество, кое губи важна социјална и образовна поддршка која нема да може да се замени… Бранот на заминување верници не е само црковен проблем, но долгорочно ќе ја промени Германија, изјави адвокатот задолжен за црковно право Томас Шулер за ДПА.

Зачлени се на нашиот е-билтен