Новиот состав на холандскиот парламент (Твиде Камер) сега се состои од 43 отсто жени – највисок процент откако во 1918 година е избрана првата пратеничка, објави НЛ Тајмс.
Според податоците на фондацијата „Stem op een Vrouw“ („Гласај за жена“), во парламентот со 150 места се избрани 65 жени. Фондацијата наведува дека околу шест проценти од гласачите стратешки гласале за жени, со што директно влијаеле врз составот на парламентот, во рамките на истоимената кампања што постои од 2017 година.
Првата жена избрана во Твиде Камер била Сузе Гроенвег во 1918 година. Жените во Холандија добиле право да се кандидираат во 1917 година, а право на глас имаат од 1919 година.
Медиумите оценуваат дека овие избори претставуваат важен чекор кон родова еднаквост во холандската политика, со оглед дека претходниот рекорд – 42,7 проценти или 64 пратенички – датира од 2010 година.
				
				
															