Во Унгарија денеска се одржуваат парламентарни избори, на кои право на глас имаат повеќе од 8,1 милион граѓани, а излезноста веќе руши историски рекорди.
Според податоците до 17 часот, на гласање излегле 74,23 проценти од избирачите – највисока излезност досега во историјата на изборите во земјата. Се очекува таа бројка да достигне и околу 80 проценти до затворањето на избирачките места.
Премиерот Виктор Орбан, лидер на партијата Фидес, гласаше во Будимпешта и порача дека очекува победа, оценувајќи ги изборите како „празник на демократијата“.
Негов главен противкандидат е Петер Маѓар, лидер на движењето Тиса, кој изборите ги нарече „судбоносни“ за иднината на земјата. Тој истакна дека граѓаните избираат меѓу Исток и Запад, корупција и транспарентност, како и меѓу економска криза и подобар животен стандард.
Унгарскиот парламент има 199 пратеници – 106 се избираат директно по мнозински модел, додека 93 се распределуваат пропорционално според освоените гласови. Токму овој комбиниран систем ја прави неизвесна конечната распределба на мандатите, без оглед на вкупниот број освоени гласови.
Во текот на денот имаше и меѓусебни обвинувања. Владејачкиот Фидес ја обвини Тиса за наводно купување гласови, но без официјална потврда од институциите. Пријави за можни неправилности имаше и во неколку градови, но засега без конкретни докази.
Аналитичарите оценуваат дека овие избори ја надминуваат националната рамка и имаат пошироко значење за европската политика, особено поради улогата на Унгарија во одлучувањето во рамките на Европската унија.
По затворањето на избирачките места во 19 часот, се очекуваат првите резултати, кои ќе покажат дали Виктор Орбан ќе остане на власт или ќе дојде до политичка промена предводена од Петер Маѓар.