Решена голема мистерија на древниот Египет

Британскиот археолог д-р Пирс Литерланд направи историско откритие во Долината на кралевите – првата фараонска гробница пронајдена по повеќе од еден век. Кога го здогледал таванот на погребната комора обоен во сино со жолти ѕвезди, сфатил дека станува збор за гробницата на Тутмозис II, фараонот кој владеел од 1493 до 1479 п.н.е.

Истражувачкиот тим поминал месеци расчистувајќи ги остатоците од поплавата што го исполнила подземниот ходник. Првичните претпоставки биле дека гробницата и припаѓала на кралска сопруга, но откривањето на ѕидните декорации од Амдуат – религиски текст резервиран за кралевите – ја променило оваа теорија.

„Во тој момент почувствував исклучителна збунетост“, изјави Литерланд за BBC. „Кога излегов, сопругата ме чекаше надвор, а јас едноставно заплакав.“

По детално расчистување, било откриено дека гробницата е намерно испразнета, а не ограбена. Археолозите заклучиле дека поплавите, предизвикани од водопад над гробницата, ја оштетиле структурата само неколку години по погребот. Остатоците на фараонот биле изнесени преку спореден ходник и пренесени на друга локација.

Клучен доказ биле фрагментите од алабастер, на кои било испишано името на Тутмозис II.

Откритието е резултат на заедничка мисија меѓу New Kingdom Research Foundation, британската академска заедница и египетското Министерство за туризам и антиквитети, во соработка со Универзитетот Кембриџ.

Тутмозис II бил сопруг и полубрат на легендарната Хатшепсут, една од ретките жени кои самостојно владееле со Египет, како и татко на Тутмозис III.

„Ова откритие решава една од најголемите мистерии на древниот Египет – локацијата на гробниците на раната 18-та династија“, изјави Литерланд.

Истражувачите веруваат дека содржината на оваа гробница е пренесена во друга, веројатно сè уште недопрена гробница на Тутмозис II – што би можело да доведе до уште едно големо археолошко откритие.

Зачлени се на нашиот е-билтен