Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Решението за војната во Конго се бара на самит во Танзанија

Фото: EPA-EFE/ANTHONY SIAME

Во Танзанија денеска се одржува самит на лидерите од Источна и Јужна Африка, со цел да се најде решение за конфликтот во Демократска Република Конго.

Претседателот на Кенија, Вилијам Руто, во воведното обраќање нагласи дека “животите на милиони луѓе зависат од способноста да се управува со оваа сложена и предизвикувачка ситуација со мудрост и емпатија”.

На самитот во Дар ес Салам присуствува и претседателот на Руанда, Пол Кагаме, чија влада е обвинета за поддршка на бунтовничката група М23, која го контролира Гома, најголемиот град во источниот дел на ДР Конго. Од друга страна, претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, се вклучи на настанот преку интернет.

Според експерти на ОН, околу 4.000 војници од Руанда ги поддржуваат бунтовниците М23 во ДР Конго. Владата на Руанда, пак, ја обвинува мировната мисија распоредена во регионот за ескалацијата на конфликтот во Северно Киву, провинција богата со минерали.

Кагаме тврди дека присуството на мировните сили во источниот дел на ДР Конго не придонесува за воспоставување на мирот. Во меѓувреме, Чисекеди останува на ставот дека нема да прифати директни преговори со М23, кое неодамна го зазеде Гома и најави можен марш кон Киншаса.

Сојузот за Реката Конго, коалиција на бунтовнички групи во која е вклучено и Движењето М23, во отворено писмо до самитот наведе дека нивната борба е насочена против властите во Киншаса, кои, според нив, “претставуваат сериозна закана за народот на Конго”.

Зачлени се на нашиот е-билтен