По повеќегодишни доцнења и значително зголемување на трошоците, Рим денеска официјално отвори две нови метро-станици, меѓу кои и станицата кај Колосеумот, каде што се претставени значајни археолошки откритија кои би можеле да станат туристички атракции сами по себе, јавува Ројтерс.
Автоматската линија Метро Ц сега се протега од источните предградија на италијанската престолнина до Порта Метронија и Колосеумот, со што за првпат стигнува до историскиот центар на градот.
Ископувањата за изградба на новите станици доведоа до откривање на значајни археолошки слоеви, што во голема мера ги забави работите, бидејќи археолозите внимателно ги заштитуваа деловите од античкиот Рим за кои претходно не се знаеше дека постојат.
На станицата Порта Метронија биле пронајдени воени бараки стари околу 2.000 години, како и станбена куќа со фрески и мозаици, кои се зачувани и изложени во музејски простор во рамки на самата станица.
За време на работите кај Колосеумот биле откриени 28 антички бунари и стотици предмети од секојдневниот живот, меѓу кои шноли за коса, маслени светилки со фалусна форма, цевки за наводнување, ножеви и статуи. Дел од овие наоди се изложени и достапни за јавноста.
Италијанскиот министер за сообраќај Матео Салвини изјави дека двете нови станици ќе „го обиколат светот“ и ќе привлечат внимание кај туристите и корисниците на социјалните мрежи.
Инаку, линијата Метро Ц првично требаше да ги поврзе главните римски базилики уште до 2000 година, но проектот значително доцнеше, а трошоците се зголемија од првично предвидените 2,23 милијарди евра на повеќе од три милијарди, при што се проценува дека вкупната цена би можела да надмине шест милијарди евра.