Рубио: Ако нема напредок се откажуваме од посредување за мир во Украина

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека САД ќе се повлечат од обидите да посредуваат за мир меѓу Русија и Украина доколку во следните неколку дена не се појават јасни знаци дека е можно примирје.

По средбата со европските лидери во Париз, Рубио изјави дека „нема да продолжиме со оваа заложба со недели и месеци. Имаме и други приоритети“. Според него, иако постои сложеност во разговорите, време е да се утврди дали постои реална можност за договор.

Кремљ реагираше воздржано на предупредувањата од Вашингтон. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека Русија е подготвена на дијалог и има интерес за постигнување мировно решение, но разговорите се „доста тешки“. Во меѓувреме, руските напади врз Украина продолжуваат. Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека само во петокот загинале две лица од нови ракетни напади. Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, кој се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави дека е „оптимист“ во врска со можноста за крај на војната.

Паралелно со дипломатските напори, САД и Украина го потпишаа Меморандум за намери со кој се поставуваат основите за создавање инвестициски фонд за обновата на Украина. Потпишувањето следи по настан кој ги поремети првичните договори — јавна расправија меѓу Трамп и Зеленски во февруари. Иако не се објавени сите детали, протечени информации укажуваат дека договорот ќе опфати и контрола над енергетската инфраструктура, а не само над минералните ресурси. Американската страна инсистира дека присуството на американски компании ќе биде доволно да ја одврати Русија од понатамошни напади.

Украина, пак, се надева дека договорот ќе доведе и до безбедносни гаранции, што досега САД ги избегнуваат. Зеленски предупреди дека примирје без конкретни безбедносни гаранции може да биде опасно. Според украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, разговорите во Париз вклучувале и можност за мултинационално присуство и долгорочни гаранции за Украина. Во меѓувреме, истекува 30-дневниот мораториум на руски напади врз енергетската инфраструктура, а од Кремљ сè уште нема одлука дали тој ќе биде продолжен.

Зачлени се на нашиот е-билтен