Русија бара разговори со Украина без претставници на Турција и САД, тврди украински дипломатски извор

Русија бара разговорите со Украина во Истанбул да се одржат без претставниците на САД и Турција, изјави денеска украински дипломатски извор за Ројтерс, додавајќи дека овој потег покажува дека Москва „ги поткопува мировните напори“.

„Уште еден знак дека руската страна ги поткопува мировните напори. Дојдовме да водиме сериозен разговор, додека Русите поставуваат барања и услови. Ова нè тера да се сомневаме дали рускиот претседател Владимир Путин ги испратил за да ги решат проблемите или само да го запрат процесот“, рече изворот, кој сакаше да остане анонимен.

Според неговите тврдења, причината зошто Русите се плашат од присуството на САД во овие преговори е тоа што тие „сакаат да го запрат процесот, а не да ги решат проблемите“, и сакаат да го сокријат ова од Вашингтон.

Во Истанбул заврши состанокот на претставниците на Турција, САД и Украина, што се одржа во претседателската палата Долмабахче и траеше малку повеќе од еден час, изјавија за агенцијата Анадолија извори во турското Министерство за надворешни работи.

Се очекуваат во секој момент да започнат првите директни преговори меѓу Русија и Украина од пролетта 2022 година, а руската делегација, предводена од помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, веќе пристигна во палатата Долмабахче.

Медински синоќа изјави дека целта на директните преговори со украинската страна е воспоставување долгорочен мир и решавање на коренските причини за кризата.

Зачлени се на нашиот е-билтен