Русија официјално го блокира пристапот до Snapchat, популарната апликација за размена на фотографии и кратки видеа, соопшти денес државната агенција РИА Новости, повикувајќи се на регулаторот Роскомнадзор.
Според руските власти, платформата наводно била злоупотребувана „за организирање и изведување терористички активности во земјата, како и за регрутирање извршители“, што претставува главна причина за нејзиното ограничување.
Оваа мерка доаѓа ист ден кога беше блокирана и FaceTime, апликацијата на Apple за видео-повици, како дел од засилената кампања на Москва против странските технолошки платформи. Руските институции тврдат дека тие се користат за криминални и деструктивни активности.
Блокадата на Snapchat се надоврзува на претходните ограничувања кон YouTube, WhatsApp и Telegram, со кои Кремљ во последните години ја проширува контролата врз дигиталниот простор и комуникациските канали во земјата.

