Министерството за внатрешни работи на Русија го стави американскиот сенатор Линдзи Греам на листата на барани лица, објавија денес руските медиуми повикувајќи се на базата на податоци на Министерството.
Во монтираното видео објавено од кабинетот на украинскиот претседател во петокот, 26 мај, од средбата на Греам со Володимир Зеленски, Греам е прикажан како вели „Русите умираат“, а потоа вели дека американската поддршка на Украина е „најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле. ”
Украина објави целосна видео снимка од средбата која покажува дека двете забелешки не се поврзани.
Рускиот истражен комитет објави во неделата, 28 мај, дека отвора кривична истрага за коментарите на Греам. Не е прецизирано за кое кривично дело е осомничен.
Во неделата, Греам ги оспори руските критики за неговата поддршка за Украина, велејќи дека тој едноставно го фали духот на Украинците во отпорот на руската инвазија со помош на Вашингтон.
Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина е познат по своите ставови за надворешната политика, како отворен поддржувач на зголемената воена поддршка за Украина во нејзината борба против Русија.
Русија претходно додаде десетици американски функционери и избрани политичари на црните листи, забранувајќи им влез во земјата, но ретко бараше апсење на високи американски функционери, пренесува РСЕ.