Жената, којашто беше затворена поради донација од 51 долар за Украина, е ослободена со размена на американско-руски затвореници меѓу Москва и Вашингтон.
Аматерската балерина Ксенија Карелина, жител на Лос Анџелес, беше во затвор во Русија повеќе од една година, откако беше уапсена на почетокот на 2024 година за време на семејна посета во градот Екатеринбург.
Таа беше обвинета од руската служба за безбедност ФСБ дека собрала пари за една украинска организација која обезбедува оружје за украинската војска. Таа се изјасни за виновна минатиот август и беше осудена на 12 години затвор.
Руски активисти за човекови права изјавија дека додека живеела во САД, таа направила единствен трансфер од 51 долар (39 фунти) на првиот ден од целосната инвазија на Русија на Украина на 22 февруари 2022 година.
Добротворната организација за која станува збор негираше дека собрала пари за оружје или муниција, велејќи дека е фокусирана на хуманитарна помош и помош при катастрофи.
Се смета дека ФСБ ја открила трансакцијата на нејзиниот телефон.
Во замена, САД го ослободија Артур Петров, двоен германско-руски државјанин, уапсен на Кипар во 2023 година. Тој беше обвинет за нелегален извоз на микроелектроника во Русија за производители кои работат со руската војска.
Руската новинска агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин ја помилувал г-ѓа Карелина.
Размената на затворениците се случи во Абу Даби во раните утрински часови во четвртокот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека г-ѓа Карелина била „во авион назад дома во Соединетите држави“.
Тој додаде дека таа била „погрешно затворена од Русија повеќе од една година“.
„Претседателот Трамп го обезбеди нејзиното ослободување. [Претседателот] ќе продолжи да работи за ослободување на сите Американци“.
Директорот на ЦИА Џон Ретклиф беше присутен на размената, објави Волстрит журнал.
Ова е втора размена на затвореници меѓу Русија и САД за помалку од два месеци.
Во февруари, рускиот државјанин Александар Виник – кој беше затворен во американски затвор под обвинение за перење пари – беше ослободен во замена за ослободување на американскиот учител Марк Фогел.
Размената доаѓа додека Москва и Вашингтон продолжуваат со напорите за подобрување на односите.
Американските и руските претставници денеска се состануваат во Истанбул за да одржат уште една рунда разговори со цел обновување на некои од операциите на амбасадата кои беа намалени по инвазијата во Украина.