Руското Јавно обвинителство ја класифицираше „Дојче Веле“ (DW), меѓународниот јавен сервис на Германија, како „непожелна организација“, јавуваат руски медиуми. Оваа одлука следи откако уште во август ваквата мерка беше побарана од рускиот парламент, Државната дума.
Со тоа, DW се приклучува на низа медиумски организации, невладини здруженија и фондации кои веќе го добија статусот „непожелни“, меѓу кои се Радио Слободна Европа/Радио Слобода, Bellingcat, CORRECTIV, „Репортери без граници“ и телевизијата „Дожд“.
Што значи статусот „непожелна организација“?
Според важечкото руско законодавство, прогласувањето на една организација за „непожелна“ значи дека секоја форма на соработка со неа претставува кривично дело, за кое може да се изречат високи парични казни или дури и затворска казна.
Дури и споделување содржини од такви организации, вклучително и на социјалните мрежи, се смета за незаконско.
Реакцијата на DW
Генералната директорка на „Дојче веле“, Барбара Масинг, оцени дека потегот на руските власти е уште еден показател за настојувањата на Кремљ да ја задуши слободата на мислење во земјата.
„Русија може да нè прогласи за непожелна организација, но тоа нема да нè обесхрабри“, изјави Масинг.
„Овој најнов обид за замолчување на слободните медиуми ја нагласува отворената негрижа на рускиот режим за слободата на печатот и го открива неговиот страв од сопствените граѓани – оние кои бараат информации, размислуваат критички и сакаат да учат. DW ќе остане доследна во обезбедувањето новинарска содржина што им овозможува на луѓето сами да формираат мислење“, додаде таа.
Зголемен притисок врз DW во Русија
Во последните три и повеќе години, DW сè поизразено ги чувствува последиците од репресијата на Кремљ врз странски финансирани организации и медиуми. Уште од март 2022 година, „Дојче веле“ во Русија е означена како „странски агент“, а претходно се соочи и со забрана за емитување.
Студиото на DW во Москва беше принудено да се пресели, а веб-страницата на медиумот е блокирана на сите јазици на територијата на Русија.
И покрај тоа, рускојазичната редакција на DW во 2025 година достигнуваше околу 10 милиони корисници неделно, главно преку видео-содржини, што ја вбројува меѓу десетте најкористени сервиси на DW. Медиумот произведува и дневна 30-минутна видео-емисија на руски јазик „DW Новости“, додека сатиричната емисија „Заповедник“, која се продуцира во Рига, и понатаму е многу популарна.
Од март 2024 година, рускојазичните програми на DW се дел и од пакетот TV-Svoboda („Слобода“) на „Репортери без граници“, кој вклучува околу 20 независни телевизиски и радио-канали на руски јазик, емитувани преку сателитите Eutelsat-Hotbird.
Со цел да ја заобиколи цензурата, DW сè повеќе се потпира на дигитални платформи и алатки за заобиколување на блокадите, како Tor-прелистувачот, VPN-пристап и мобилната апликација на DW.
„И покрај цензурата и блокирањето од страна на руските власти, нашата рускојазична програма денес допира до повеќе луѓе од кога било досега“, изјави Масинг. „Ќе продолжиме да известуваме независно – за војната на агресија против Украина и за други теми за кои во Русија има малку информации, за луѓето да можат сами да си создадат мислење.“
Што е „Дојче Веле“?
„Дојче Веле“ е меѓународниот јавен сервис на Германија. Како независен медиум, DW обезбедува непристрасни вести и информации на 32 јазици ширум светот.
Медиумот се фокусира на теми како слободата и човековите права, демократијата и владеењето на правото, светската трговија и социјалната правда, здравствената едукација, заштитата на животната средина, како и технологијата и иновациите.
Телевизиските, онлајн и радио-сервисите на DW секоја недела допираат до околу 337 милиони корисници низ светот.
Извор: DW