Русија користи нова тактика за напади врз украинската енергетска мрежа

Напорите на Русија да ја наруши енергетската стабилност на Украина остануваат клучниот ризик во пресрет на грејната сезона. 2025 година донесе сериозна ескалација на нападите врз украинската енергетска инфраструктура – од ударите врз гасното производство и складиштата на почетокот на годината, до новата тактика што Кремљ ја применува во последните месеци.

Наместо масовни, истовремени напади на национално ниво, Русија се префрли на систематско таргетирање на одделни региони и на критични точки во енергетскиот систем, со цел локално прекинувaње на снабдувањето со електрична енергија и топлина. Целта останува иста – да се остават Украинците без греење и струја во најстудениот дел од годината.

Украина влегува во зима подобро подготвена отколку што се очекуваше

Грејната сезона почна уште кон крајот на октомври, бидејќи температурите во голем дел од земјата паднаа под стандардниот праг. До средината на ноември, 87% од училиштата и болниците и 73% од колективните станбени објекти веќе беа приклучени на топловодната мрежа.

Нафтогас успеа да собере 13,2 милијарди кубни метри гас – планираната количина за зимата – и продолжува со увозот. Дополнително, беше потпишан договор со полската „Орлен“ за испорака на американски течен природен гас.

Енергетската компанија „Укренерго“ ја подготви преносната мрежа со тројно зголемен резервен капацитет на опремата, но предупредува дека без руските напади зимата ќе поминеше далеку помирно.

Нова руска тактика: раздвојување на регионите од националната мрежа

Во текот на ноември Русија изведе најмалку осум масирани комбинирани напади со дронови и ракети, вклучително и со муниција со касетни боеви глави и балистички проектили насочени кон термоелектраните.

Според украинските енергетски експерти, нападите денес се поделени во три категории:

  1. удари врз гасната инфраструктура
  2. локални напади врз региони блиску до фронтот
  3. насочени напади за уништување на производни капацитети и високонапонски станици

Најопасни се третите – истовремени напади врз клучни точки во системот со цел да се предизвикаат долготрајни дефекти.

Енергетскиот аналитичар Олександр Харченко објаснува дека Русија се обидува да „исече“ делови од земјата од националната мрежа – тактика што ја смета за поефикасна отколку обидите за масовно национално затемнување.

Загрозен и рударскиот сектор

Русија продолжува да го напаѓа и јагленокопниот сектор. На 6 ноември, осум рудници во Днипропетровската област останаа без струја, при што речиси 3.000 рудари беа заглавени под земја. Украина има резерви од над 2 милиони тони јаглен, но ако нападите продолжат, снабдувањето може да биде доведено во прашање.

Заштитата дава резултати, но е недоволна

Украина од 2023 гради бетонски заштитни конструкции над најважните трансформаторски станици. Од 119 клучни станици, 74 се веќе целосно заштитени, што значително ја намалува ефикасноста на руските напади.

Сепак, најголемиот дел од регионалната инфраструктура останува незаштитена. Последиците се видливи – Чернихив во октомври имаше долги периоди целосен мрак.

Паралелно, Украина вложува во ПВО системи, но балистичките ракети и високолетачките „шахеди“ и понатаму претставуваат сериозен предизвик. Германија неодамна испорача два нови системи „Патриот“.

Што следува?

Уште на почетокот на грејната сезона две големи електрани – Трипилската кај Киев и Змиевската во Харков – престанаа со работа по руски напади. Поради оштетувања на станиците што струјата ја префрлаат од нуклеарните централи, Украина е принудена периодично да го намалува производството на струја, што предизвикува итни исклучувања по секој масовен напад.

Иако условите ќе бидат тешки, експертите не очекуваат тотален колапс на енергетскиот систем. Украина е подобро подготвена отколку претходните години, а Русија веќе нема капацитети за нападите од 2022 и 2023 година.

Сепак, одредени региони – особено близу фронтот – би можеле да се соочат со долготрајни прекини поради систематското уништување на локалната инфраструктура.

Апел за штедење енергија

Енергетските власти апелираат на рационално користење на струјата и гасот. Се препорачува температурата во домувањето да не надминува +20°C каде што е можно, за да се намали притисокот врз мрежата и да се избегнат дополнителни исклучувања.

„Оваа зима ќе ја поминеме само со заеднички напор“, нагласуваат енергетските компании.

Извор: Ukrinform

Зачлени се на нашиот е-билтен