Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руско беспилотно летало, вооружено со боева глава, ја погодило заштитната конструкција над деактивираниот реактор во нуклеарната централа во Чернобил.
„Штетата е значителна, но засега нивото на радијација останува непроменето,“ изјави Зеленски, додавајќи дека нападот претставува сериозна закана по безбедноста на регионот.
– Единствена земја во светот што напаѓа нуклеарни постројки и води војна без последици е Русија – изјави украинскиот претседател, споделувајќи видео од нападот на платформата Х.
Зеленски нагласи дека Русија продолжува со воената агресија, без никаква промена во својата деструктивна политика.
„Путин не се подготвува за преговори, туку сака да го измами светот. Сите што ја ценат вредноста на животот мора да вршат обединет притисок врз агресорот. Русија мора да одговара за своите постапки,“ истакна Зеленски.
Русија засега нема дадено официјален коментар за инцидентот.
Чернобил – потсетник на нуклеарната катастрофа
Чернобил останува симбол на една од најголемите нуклеарни трагедии во историјата. Во 1986 година, експлозијата во нуклеарната централа ослободи огромни количини радијација, со катастрофални последици за Украина, Белорусија и Европа. Илјадници луѓе загинаа или се разболеа, а долгорочната штета се проценуваше на 700 милијарди долари, што со инфлацијата денес би изнесувало близу 900 милијарди.
Како мерка за заштита, над оштетениот реактор беше изградена масивна челична конструкција за спречување на натамошно ширење на радијацијата. Сепак, според Киев, токму оваа заштита сега била погодена од рускиот дрон, отворајќи нови стравувања за безбедноста во регионот.