Руски генерал: Ако Запад воведе зона на забрана на летови над Украина, ќе нападнеме држави од НАТО

Русија нема да дозволи земјите од Северноатлантската алијанса (НАТО) да воспостават зона на забрана на летови над Украина, изјави генерал-пуковникот Владимир Попов за рускиот медиум Info24.

Попов нагласи дека ако Полска или други членки на НАТО еднострано прогласат зона на забрана на летови, Русија ќе ги уништува воздушните системи на тие држави директно на нивна територија. „Непријателски авиони над нивната територија ќе бидат цел на нашите напади“, истакна рускиот генерал.

Претходно, полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, рече дека Варшава и сојузниците треба да размислат за воспоставување на зона на забрана на летови над Украина. Според него, НАТО веќе неколку пати дискутирал за ова прашање, но без позитивна одлука.

Кремљ реагираше со став дека НАТО, со директна и индиректна поддршка на Украина, веќе е во војна со Русија. Портпаролот Дмитриј Песков оцени дека воената помош на Киев од страна на Западот претставува учество во конфликтот.

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, предупреди дека спроведувањето на зона на забрана на летови и обарањето на руски дронови од страна на НАТО би значело директна војна меѓу алијансата и Русија. „Ова би значело само едно: војна на НАТО со Русија“, напиша Медведев на својот канал на Telegram.

Затворањето на небото (no-fly zone) во пракса подразбира дека НАТО ќе распореди противавионски системи и борбени авиони за да спречи непријателски летала, ракети или дронови да влезат во контролираниот воздушен простор. Во контекст на Украина, тоа би значело делумна контрола на украинскиот воздушен простор со заштита од руски напади.

И покрај високите ризици од ширење на конфликтот, темата за зона на забрана на летови се враќа во политичките дискусии поради се почестите инциденти со дронови и напади врз Полска и Романија.

Зачлени се на нашиот е-билтен